Sunday, March 17, 2013

Твитер прашалник @razvigor


Твитер прашалник @razvigor

1.Име (ник, кој ти го стави)?
Филип Стојановски. Никот Развигор си го одбрав сам за на ИРЦ таму некаде околу 1998 г. за да си го освежам онлајн идентитетот ФилипС што го користев на ББС-и како Информа и Санлајн. Потоа го ставив и за корисничко име за првиот блог (2003), па на Џимејл и за на Твитер како @razvigor (2009). Оти во меѓувреме filips беше насекаде веќе испофаќано, а моето име + презиме е подолго од 15 знака.

2.Опишете се (макс 140 нели)?
Граѓанин на Македонија кој на социјални медиуми кажува и преќутува исто како во маалски муабет. (95)

3.Зошто си на твитер?
Да собирам и споделувам информации. И да најдам луѓе.

4.Шо преставува вашиот аватар?

Обично користам скорешна фотографија  –  мој портрет. Долго време како аватар користев една сликичка направена со цртање преку фотка во стил на филмовите на Линклатер (Waking Life и A Scanner Darkly). Ама еден ден ми текна дека мојот лик од 2005 г. и не личи баш на мене од тековната година... Оваа тековнава е од една мала зоолошка градина за влекачи близу до Момбаса, Кенија, кај што отидовме со @bjasari и @ieli по самитот на @globalvoices во јули 2012. 

5.Кој ве донесе на твитер и дали ве за*ба со тоа?

Не се сеќавам. Веројатно самиот се натерав поради љубопитство, а можеби и @jpetrov имаше некоја улога. Но не беше нешто драматично како кога @aleksandar_k дојде еден ден некаде во 1995 година и ми рече „Ти носам болест“. И ми инсталираше mIRC .
Океј е на Твитер, не се чувствувам лошо што го користам. Поисполнувачки е од Фејсбук – но секој медиум си има свои предности и маани. Сепак, во смисла на забавност понекогаш се прашувам дали тие саат-два тукушто поминати „таму“ ќе беа подобро потрошени  за гледање 2-3 епизоди „Ѕвездени патеки:  Војаџер“ едноподруго.

6.Ова ви е прв твит (ај да видиме, шо ќе твитните)?
Ништо оригинално, програмерското „Здраво свету“ (Hello World)?

7. Каде сте родени?
Скопје, Државна болница. Наводно без компликации, иако верувам дека мајка ми се измачила.

8.Каде би сакале да отидете на еден месец? А каде на меден?
Има еден говорник на ТЕД што на секои седум години зема по една година одмор, што е интересна идеја.

9.Брак?
Во тек. Одобрувам брак меѓу луѓе кои се сакаат во било која комбинација, но не сметам дека е неопходен – семејство може да постои и без формален договор. Не брзав да го склопам, иако потоа си викав требаше порано.

10.Ако реинкарнирате во животно, кое би сакале да е?
На времето многу сакав големи цицачи, од типот делфини, големи мачки, коњи и човеколики мајмуни. Верувам дека тука улога имаше и еден од првите албуми со сликички што го пополнував, се викаше „Сисари“ на српски, ама научив и некои од латинските имиња на животните. Не верувам во реинкарнација, оти требаат премногу парадокси за да се објасни целиот процес од почетокот до крајот на универзумот. А бидејќи и луѓето се животни, веројатно би било најинтересно да се реинкарнираш во човек кој помни што било претходно.


Дополнителни прашања

1. Протест за воведување Демократија, ни треба ли?
Дефинитивно ни треба свест, а потоа и протест за воведување модерна демократија. Имаме формални механизми и закони кои одговорните не ги спроведуваат. Проблем е сваќањата се на ниво на 19 век или порано, а живееме во 21. Граѓанин не значи поданик. Општествата кои го примениле тоа се меѓу најуспешните и најдолговечни во историјата, на пример Стариот Рим, кој опаднал со ерозија на првобитните демократски механизми.

2. Омилен споменик од СК2014?

Сите ми се еднакво омилени. Интересни за дискусија се квазиисториските стрипчиња во релјеф под некои од нив, на пример социјалистот и унијат Гоце Делчев и православен поп - наспроти фактот дека поповите биле носители на странските пропаганди во тоа време, или како антидемократот Аристотел го учи апсолутистичкиот цар Александар за демократија на некоја чудна азбука составена од кирилица, латиница и грчки букви, нуклеарното семејство на полигамистот Филип II во Автокоманда, а секако и Прометеј, кој многу личи на делата со кои се славела Партијата на Арно Брекер.


3. Би прифатил ли политичка функција?

Човекот е политичко животно и ние сите вршиме политички функции. Дури и кога молчиме и не правиме ништо за да исправиме неправди и „бегаме од политика“ исполнуваме политичка функциjа на пиуни и вејки на ветрот. 

4. За која кауза би останал без бркови?
Поголема згодноќа во очите на жена ми.

5. Една ластовичка праве ли пролет?
Без личен пример нема лидерство. Но за да не остане на „глас во дивината“, туку да стане движење, клучна е и улогата на првиот следбеник.

Прашања од @malaovca
1. Кој е твојот пост на GlobalVoices кој најмногу ти значи и привлекол најмногу внимание?
Најзначајно ми е веројатно покривањето на протестите против полициска бруталност [en]. Важни ми се и написите како најавата за маршот за мир кои поттикнаа волонтери од целиот свет да ги преведат на по 15-16 јазици.

2. Во која СФ дистопија најмногу би се пробашол себе си како активист?
Идеално, во книгите од хаинскиот циклус на Урсула Легвин, за кои нема официјален превод на македонски, а најглавната на англиски се вика The Dispossessed
и кај нас беше достапна во српски превод како „Човек празних шака“.  Нешто како Ганди и Матер Лутер Кинг во вселената. Арно ама ми се чини дека Брус Стерлинг е многу порелевантен за оваа денешница, особено неговите Islands in the Net и „Distraction“.

 3. Кога најмногу ти требал интернет а си немал?
Имам една маана: брзо заборавам лоши работи. Имаше пред некоја година некои ситуации, со работа, ама на нив се сеќавам ко низ магла, ко некој лош сон.

4. Најзначаен стрип според тебе?
Не можам да одговорам. Стрипот како медиум дава простор за индивидуалност како ретко кој друг, па да се одбере најзначаен е како да се одбира најзначаен човек.

5. Од сите акаунти на твитер, кој најмногу би сакал да те RT-ува?
Секој на кој конкретниот твит барем микроскопски му го променил животот на подобро.



Мислам дека би било интересно нареден интервјуиран човек да е новинарката @elida_z