Friday, March 22, 2013

Твитер прашалник @The_Bibi_

Твитер прашалник @The_Bibi_

1. Име (ник, кој ти го стави)?
Сама се намачив да смислам вака екстремно креативен ник кој ќе ја изрази посебноста што ја воочила дури и мојата кума кога ми го дала ептен оригиналното име Билјана.
The“ пред името е израз на моето кралско потекло.

2. Опишете се (макс 140 нели)?
Убавина невидена. Дури и моето домашно огледало никогаш нема видено ваква убавина.

3. Зошто си на твитер?
Да мрчам и никој да не може да ме прекине. Кога ќе кажам нешто умно, никој да не може да ме тапка по рамо оти помодрев од такви признанија. „Твитер го разбирам како поле за култивиран натпревар меѓу мрчаторите и алатка за преживување на работното време.“. Аххх, каква мисла!

4. Шо преставува вашиот аватар?
Хелга, госпоЖата на Хогар Страшниот. Си личиме, освен што: не сум русокоса домаќинка, немам ќерка и страшен маж викинг, ни јас ни маж ми немаме рогови...

5. Кој ве донесе на твитер и дали ве за*ба со тоа?
Сама си се донесов во мај 2012 и „се преродив“. Нормално дека се заебав (без *). Да не губев толку време на твитање досега ќе научев да правам слатко од зелени смокви сварени во девет води.

6. Ова ви е прв твит (ај да видиме, шо ќе твитните)?
„Леле“ (омиленото ми зборче). А мојот навистина прв твит е:

7. Каде сте родени?
Во бившиот убав град Скопје.

8. Каде би сакале да отидете на еден месец? А каде на меден?
Ѕрцките ќе му ги извадам на маж ми ако не ме однесе во Рим барем за сребрената свадба. Цел месец мај ќе пиеме кафиња и ќе си ги грееме душичките на римскиот бетон.

9. Брак?
Да, со паметен и згоден тип кој има една маана – не сака социјални мрежи.

10. Ако реинкарнирате во животно, кое би сакале да е?
Птица затоа што сум убедена дека летањето е магија. Арно ама, бидејќи мора нешто карактеристично да се пренесе во следната инкарнација, со вакви квалитетни подочњаци сигурно ќе бидам панда.

Дополнителни прашања

1. Мајка или сопруга или твитерџика ?
Мајка, пред сѐ. Мајчинството е 1% природа и 99% општество. Тешко на дете чија мајка е „лош ученик“ и совладала само 1% од материјалот. Знам дека е ОК сѐ додека син ми вели „мамо, ти си ѕвер“.
Сопруга од типот - не готви на одмор, цел ден игра табла со маж ѝ.
Твитерџика - чат-пат.

2. Скопје на скопјани ?
Скопје на скопјани, исто колку што и Охридско Езеро на охриѓани, Шар Планина на песот Шарко, а Бистра на рисот Марко.
Скопје на скопјани тогаш кога Катастар ќе им издаде имотен лист на бездомниците за мостовите, на питачите за раскрсниците, на проститутките за Кејот, на спомениците за плоштадот Македонија...
Скопје не им го давам на „дојденците“ што цел живот во јавност зборуваат на дијалект „за инает на скопјаните“, затоа што не разликуваат што е литературен македонски јазик, а што скопски дијалект.
Скопје не им го давам ни на „родените скопјани“ што не влегле во Драмски театар, наспроти баба ми и дедо ми кои пред да станат „дојденци“ ги гледале сите театарски и кино претстави меѓу двете светски војни во Неготино.
Скопје не ги дефинира скопјаните, туку скопјаните (без оглед каде се родени) го дефинираат Скопје.
P.S. Иџи, а да ми го позајмиш твојов блог на два-три месеци да кажам на долго и широко сѐ што ми лежи на душава, м?

3. Работа од соништата?
Секоја работа во која имаш доволно слобода сопственото креативно лудило да им го продадеш на другите во вид на мало пакетче среќа. Значи - писател, сликар, музичар...
  
4.Омилен писател?
Различни во различно време. Последниве години ќеф ми прават Х. Мураками, С. Ларсон, Н. Аманити, Ј. Гордер, Г. Смилевски... Откачениот Вуди Ален е надвор од сите категории.
5.Музичко образование?
Омилена секција во основно ми беше „Duran Duran. Во средно бев со лошо друштво што ми ставаше во ушите дрога од типот Мизар, Азра, Depeche Mode, U2... Високото образование го заокружив на Универзитетот  Sziget каде дипломирав на тема „Како да се прешалташ од David Bowie на Motorhead, па на Irish folk во рок од 5 часа“.

Прашања од @Plavaa

1. Омилена фраза во која се пронаога?
„Always forgive your enemies; nothing annoys them so much.“ – Oscar Wilde

2. Дали верува во ванземаљци?
Нема шанси ограничените Земјани да се единствени во величенствената Вселена. Тоа е исто како да одгледуваш примитивен мов во саксија сместена на еден хектар плодна земја. Кога бев дете секоја вечер заспивав со надеж дека ќе ме киднапираат вонземјани, а прва љубов ми беше Старбак.

3. Кој лик од историјата те фасцинира?
Генијалци како Да Винчи, Галилеј, Кири, Ајнштајн, Тесла... кои без копје, штит и коњ ја менувале историјата. Како и секоја водолија повеќе ја сакам иднината отколку минатото.

4. Опиши како го замислуваш идеалниот партнер? (кои особини треба да ги има)
Не постои идеален партнер. Постои партнер кој го сакаш поради мал милион (не)важни ситници од типот: топли и нежни раце во кои можеш да се сместиш кога сакаш да се пекмезиш или да плачеш; глас на кој му веруваш затоа што звучи како да доаѓа од дното на душата; бесконечно трпение со кое може милион пати да ти го даде истиот совет, без оглед што знае дека нема да го примениш зашто си премногу тврдоглава... И ја сака(ме) оваа песна:

5. Веруваш ли во институцијата брак?
Верувам речиси 15 години. Препорачувам и неколку месеци неинституционализирано заедничко живеење во кое момчето ќе порасне во маж кој може без срамење да купи влошки во продавница, а девојката ќе порасне во жена која може рутински, без гадење да ги става валканите алишта во машина за перење.


6. Дали би опростила неверство?
На многу луѓе сум им простила различни типови неверства. Ако мислеше на неверство од партнерот – тој е еден од ретките кој не ме изневерил во која било смисла. Или барем јас не знам, а се додека не знам – не се случило. А и да се случи, за него имам милион причини поради кои би му простила.



@sheretoto