Friday, April 12, 2013

Твитер прашалник @jpetrov

Твитер прашалник @jpetrov


1.Име (ник, кој ти го стави)?
Во периодот кога растев покрај компјутерите уште немаше интернет пристап. Членував по разни БиБиЕс-ови низ МК преку мојата Амига и надворешен модем од 2.4kbps. Од тогаш почнав со jpetrov и останатото е навика. Пред Амигата имав Commodore 64 и Sinclair ZX Spectrum 48 не дека е битно за прашањево...

2. Опишете се (макс 140 нели)?  
Опседнат со учење и читање. Професионално почнав од НВО, преку консалтинг до софтвер (среден менаџмент). ЕТФ/КТИА инженер и магистер по економски науки на Сорбона преку Темпус. За физички опис ќе ми треба твитлонгер J

3. Зошто си на твитер?
Кога се зачленив на твитер немаше мк сцена или беше мала. Едно време на кајмак.от се собираше мала „багра“ која уште владее  (@zlochko, @ordanoskiv, @therealpsmst, @razvigor помеѓу другите). Открив можност да следам познати и интересни луѓе од светот и регионот од областите кои најмногу ме интересираат (ИТ, европска политика, економија и бизнис). Со време твитерот ми го замени и Гугл Ридерот. Тоа ми е основната причина сеуште. Во меѓувреме се случи и хајпот во Македонија, па најдов многу интересни луѓе кои размислуваат предизвикувачки. Многу сакам да се дружам со луѓе кои знаат да мислат слободно и отворено за разни теми. Некако граѓанските вредности во Македонија како да се раритет...

4. Шо преставува вашиот аватар?
Една од моите омилени книги, со ново генијално решение за дизајн на кориците. Корицата е со јасна порака не мора да ја опишувам.


Само некој месец потоа се појави уште поинвентивна корица на книга која исто така ми е многу омилена, но не ми се менува аватарот сега, веќе кога го сменив еднаш. Претходно беше мојата фотографија ама кога станавме мејнстрим некако не ми се допаѓа да ме влечат со изјави по сајтови  и весници (ако воопшто се случило тоа).

5. Кој ве донесе на твитер и дали ве за*ба со тоа?
Мислам дека дојдов сам – најверојатно сум прочитал текст некаде. Но повлеков неколку луѓе по мене, си знаат веќе си пишаа / ќе си пишат во нивниот прашалник J. Пред твитер и фејсбук имав блог со неколку илјади записи, во принцип над ¾ од моите блог записи беа слични на твитови (интересен линк и краток коментар). Твитерот го гледам како поеднаставен начин да споделиш интересни информации. Блогот ми е некаде архивиран можеби ако го најдам да го објавам пак...

6. Ова ви е прв твит (ај да видиме, шо ќе твитните)?
Твитав скоро исклучуво на англиски во тој период. Мислам дека беше нешто во стилот „Preparing my research paper over the night”. Како да зборуваш во бунар сам со себе. Сум бил таму знам како е J

7. Каде сте родени?
Велешката болница која ја гледам од балкон секој ден. Интересно е што ако не се преселиш од градот кај што живееш местото кај почнуваш и кај завршуваш е исто.

8. Каде би сакале да отидете на еден месец? А каде на меден?
На еден месец во Париз. На повеќе од 1 месец ако може.
На меден во Тоскана..

9. Брак?
Уреден. Ќеркичка прво одделение. Да ви се врати секој што сака. Благодарам.
Сериозно, домот и семејството ми се столбот на кој секогаш сум можел да се потпрам и многу сум благодарен за таа среќа.

10. Ако реинкарнирате во животно, кое би сакале да е?
Морски галеб. Отсекогаш сум сакал да летам. И мирисот на морето. Но мразам туристички сезони – пролет и есен се магични.

Дополнителни прашања
1.Кај има најбоља пастрмалија?  
Не е докажано кај има најдобра, но 1 е сигурно, најгрди се во Скопје. Не знам кој им дал право на скопјани воопшто тие чуда да ги викаат пастрмајлии. Ме прашува – со кашкавал ли да била, пилешка ли да била. Па дали сте вие нормални?
Локал-патриотски ќе речам велешка. Меѓу другото заради тоа што има пастрма т.е. сушено пресолено овчо месо во мали парчиња. Не знам како може да викаш нешто пастрмајлија а да нема пастрма, ама ај...

Сум пробал велешки, штипски, свети николски и неготински и не би одбил ниедна, но последно време докторите ми бранат J

2. Ќе се врате ли времето на Анте Марковиќ на овие простори?
Ете го тука е, нели бананите се евтини?.
Реално треба да ги стегнеме ремените и да подработиме малку да го стигнеме светот оти ни бега а ние со глупости се занимаваме. Мрч Мрч голема државна администрација, неконструктивно трошење на пари мрч мрч.

3. Горна или Северна?
Горна оти ќе можам да викам еве ќе одам во долнава малку... Плус ќе звучи како кралство од Game of Thrones.

4.Има ли на твитер политика?  
Моја голема опсесија е Европа, па редовно ги следам европските политичари, твитерот сериозно почнува да биде канал за комуникација.

Во МКтвитер има политика но најмногу на ниво на маалски муабет (па дури и од политичари). Но некои луѓе и твитер и политиката на твитер си ја разбираат многу сериозно. Јас па можеби сум наивен. Дефинитивно е убав катализатор на настани како протестирам, елка итн. Не сум убеден дека твитер било како помогна за #Жерновски ама тоа е мое мислење.

Проблемот е што луѓето се осакатени од демократија во традиционалните медиуми, на ФБ владее македонската девиза (родини, пријатели, незгодно) па твитер им е издувен вентил, оној што свири на експрес лонецот кога ќе врие. А нашиов лонец врие упорно, само кој да го слушне свирењето. Се надевам нема да експлодира...

Јас до настаните на плоштадот со тепањето на студенти не ни зборував за мк политика. Тој ден планирав со ќерката да поминеме, но се успавме  да го фатиме возот. Тоа што го видов потоа на ТВ ме шокираше но потоа ме стави во ров. Тоа беше искрата која ме натера да зборувам отворено за некои наши работи. Македонците премногу лесно си ја разбираат демократијата и републиката. Како некој друг да се борел за нивната слобода а не нивните предци. Можеби е навреда ама не сум сигурен дека дел од нив воошто знаат што е концептот на република, демократија, а тоа е сериозен проблем. Плодно тло.

5.Можат ли социјалните мрежи нешто да променат?

Влијанието на интернетот општо ќе расте. Наскоро скоро и да ќе ги снема традиционалните медиуми во формат како што ги знаеме.

Најдобар локален пример  се @StefanFuleEU и @RichardHowitt од ЕК и ЕП соодветно кои добро разбираат дека нивните изјави се извртуваат во медиумите во кои генерално владее цензура, па сите битни одлуки и пораки ги твитаат за да нема забуни. На пример заклучоците од мартовската средба ги обзнанија и двајцата прво на твитер, во рок од 1 минута еден по друг, пред прес конференцијата. Тоа е сигнал дека дури  и дипломатите знаат кој канал е сигурен и без модулации пристигнува до целта – граѓаните. Ако странски политичари тоа го разбираат, тогаш не знам што треба повеќе да се случи за да разбереме дека интернетот ни е последната слободна зона која за жал со новиот закон за медиуми сакаат да ни ја разрушат.

Од друга страна социјалните мрежи се користат и за cyber bullying, особено од тнр. водители на тв емисии и сопственици на некои портали (дел од нив и во егзил) кои злоупотребуваат лични изјави на приватни профили и полувистини за индиректно или директно повикување на линч. Обично се работи за деца на познати личности, буквално ја нарушува нивната приватност но и ги доведуваат до опасност од физички напад. Поконкретно мислам на ќерките на Пол Волерс и Љубомир Фрчкоски како последен пример, но ги имало многу.

Прашања од @TAtanasoska
1. Што мислиш за младата генерација која ја читаш на твитер? Има ли тука нешто. ќе ги биде или се ќе остане само на тролање? Ќе бидат ли промената која и треба на оваа држава?
Јас на младата генерација која сеуште не основала семејство во Македонија и посакувам да одвои пар години од својот живот и да замине на студии или работа во странство. Тоа моментално е највисокиот чин на патриотизам. Работните навики и знаењата кои ќе се стекнат таму ќе бидат добредојдени ако ситуацијата се нормализира тука за млад и интелигентен човек може да се реализира во својата држава што е најидеална опција за сите. Се друго е трошење на време. Особено изнасилениот хумор. Кратко: има шанса.

2. Ќе го задржи ли Велес отпорот?
На Велес му е свиткана кичмата одамна. Иако има голем консензус против топилницата сепак се работи за приватен ентитет кој можеби еден ден сепак да ги добие сите дозволи од Министерство за екологија на еден или друг начин. Ако се случи тоа – што не посакувам – Велес нема да биде прашан. Едноставно едно утро црн облак од оџаците повторно ќе ни ги труе децата. И не сум сигурен дека реакцијата ќе биде соодветна. Едноставно велешани одамна се чувствуваат дека за многу прашања никој не ги прашува и некако се помирени со тоа. За жал.

3. Да можеш да се вратиш 15 години наназад, што би променил?
Лично ништо, тоа беше период на моите студии и почеток на мојот НВО активизам кој моите 20ти ги претвори во едно големо патување низ Европа, богатство кое го носам до денес. Имам повеќе пријатели во Брисел или Берлин отколку во Радовиш или Прилеп. Ако би се вратил 10 години назад најверојатно би се отселил од МК, барем времено. Имам прекрасни роднини и пријатели од Лас Вегас преку цела Европа до Сиднеј. И не би го направил тоа за мене туку за да бидам сигурен дека моето дете ќе има шанси да живее во средина во која ќе може да биде и да каже што сака. Да знаев дека ќе потрошиме толку време на глупости искрено тоа ќе го направев.

Имам само 1 порака за младите: не влегувајте во политика. Бидете политички активни преку протести, НВО ама не одете по штабови, со книшки, барајте професионални предизвици. Не за друго – и да се вработите на државно еден ден ако ве остават на улица нема да знаете што да правите со себе. Политиката во МК е пирамида, машина, која се јаде самата себеси а само оние на врвот остануваат цели и без реперкусии. Знам неброени примери на луѓе кои сериозно страдале.

4. Ќе има ли некогаш погодна клима за стартапи кај нас?
Не сум сигурен. Има луѓе кои ми имаат речено во доверба „македонците не ги бива, не размислуваат креативно“ но не се сложувам со тоа – како тоа ако ги извадиш од овој контекст и ги насадиш во Филипс Гугл или Мајкрософт наеднаш стануваат креативни? Од друга страна целиот муабет со стартапите сам по себе има многу хајп. Група инвеститори користат енергија на млади и полетни инженери да се коцкаат со ниска инвестиција во крв и пот за висок повраток на малкумината успешни.

Меѓународно Македонија има успешни софтверски продукти кои се бројат на рака и скоро сите се направени како додатни проекти во постоечки аутсорсинг комапнии (во лер). И можеби има некои инкубатори кои се глорифицирани издавачи на простории.

Стартап духот е до самите основачи. За стартап ти треба леб, време, мал но добар тим и спремност да пропаднеш. Во Македонија ретко кој млад тоа може да си го дозволи.

Заради тоа сметам дека ако МК во иднина продуцира успешни стартапи тоа ќе бидат од луѓе во своите 30ти за разлика од трендот во УСА. Материјално обезбедени луѓе кои се спремни да ризикуваат. И не верувам во стартапи во кои газдите не програмираат или барем администрираат сервери.

5. Простор да кажеш нешто што сакаш сите да го прочитаат .

Неколку пораки до мктвитер:
·         Не се трудете да бидете смешни со сила
·         Не е ова натпревар за популарност како во американско средно школо
·         Ангажирајте се општествено, не се плашете да го кажете своето мислење
·         Предлог Законот за медиуми е македонската СОПА/ПИПА/АКТА. Лабавото опишување на опфатот дава можност да се толкува кој како сака. Ќе правиме нешто околу тоа или ќе се жалиме на Филе и ќе му купиме баничка со јогурт?