Monday, April 15, 2013

Твитер прашалник @kocepetrov

Твитер прашалник @kocepetrov 


1.Име (ник, кој ти го стави)?
Никот ми го ставија двајца, дедо ми и татко ми без да знаат дека еден ден ќе го употребам за важни работи како Twitter или Facebook.

2. Опишете се (макс 140 нели)?  
Life, Sailing and Everything. Не ме бидува за автобиограф, но да пробам. 182 cm, 92 kg, програмер у душа, едриличар во срце. 

3. Зошто си на твитер?
Во Македонскиот јазик нема еден збор кој би објаснил зошто сум на Twitter. Во Српскиот јазик има. Доколица.

4. Шо преставува вашиот аватар?
Фотографија која ја покажува главата, вратот и дел од горното торзо. Црните наочари укажуваат на тоа дека сум спремен за светлата иднина која ме чека. Жолтата мајца означува дека сум победил некои етапи во животот ... и дека највероватно сите мушички и комарци ќе ми се залепат навечер у парк. У ствари тоа ми е една од поуспешните портрет фотографии во последно време.

5. Кој ве донесе на твитер и дали ве за*ба со тоа?
Тежок сум за да ме донесе некој. Сам си дојдов, онака шлаејќи се по интернет. А се за*бав затоа што се одвикнав да читам текстови кои имаат повеќе од 140 карактери. Книга не сум фатил не знам од кога. Блоговите ми се како „Војна и мир“ на Толстој, ќе почнам да ги читам и се откажувам, не заради квалитетот на напишаното, туку заради должината. Ме замараат непотребните толкување на нештата. „У Шведској немири“ и здраво!

6. Ова ви е прв твит (ај да видиме, шо ќе твитните)?
Мојот вистински прв твит на 15 април 2010 е „Check some Twitter API ...“. Е сега кога добивам втора шанса за прв твит би бил „без паника“.

7. Каде сте родени?
Во градот за кој се пееше дека „... убав пак ќе никне ...“, ама дали заради ѓубрето, дали заради земјоделците (сељаците) кои го работеа, не испадна убав. Или пак песната е сместена некогаш далеку во иднината кога можеби градот каде што сум роден навистина „убав пак ќе никне“.

8. Каде би сакале да отидете на еден месец? А каде на меден?
Во меѓународната вселенста станица со можност за Space walk секој ден. А ако не може тоа, тогаш нешто по остварливо, на пример едрење на карибите цел март.
Меден месец го замислувам 30 дена сами на брод, некаде низ Медитеранот, Франција, Италија и Шпанија. 

9. Брак?
Некои луѓе можат подолго да издржат под вода отколку во брак. Дали сум таков не знам, не сум пробал да гњурам 20 години нон-стоп, без пауза. А како сум тргнал ќе издржам уште толку во брак.

10. Ако се реинкарнирате во животно, кое би сакале да е?
Целиот концепт на реинкарнација ми е некако сумњив и не сум сигурен дека сакам да проживеам life time како мува, мравка, змија, лав, орел, магаре, коњ, оса или црв. Барем еднаш во животот сме биле нешто од тоа и не е убаво чуството. Така да не благодарам.

Дополнителни прашања
1.Стар андроидџија?  
Еден единствен undisputed Андроид е Mr. Data од Star Trek TNG. Тоа ќе биде и првиот Андроид кој ќе го користам. Ќе почекам, стрплив сум.

2.Кај се гледаш за 10 години?
Вероватно ќе се гледам во огледало, онакво старинско, кое ако го скршиш 7 години ќе имаш несреќа. Нема ваљда да измислат LCD со вградени камери и со можност да си ја смрзнеме сликата за да ја ротираме и подобро да си ги видиме недостатоците, па со разни what-if make up филтри пробно да се нашминкаат жените или (не)избричат мажите (а може и обратно, кој знае). И секако популарното Share on Facebook или Share on Twitter па секое сабајле после бричење цел свет да има можност да ме види.

3. Би направил ли престап во животот поради некоја особа?
Абе би направил престап ама ниту скокам во далечина, ниту фрлам кладиво, така да има за кого, ама нема како.

4. Кого би сакал да гушнеш?
Жена ми се разбира, онака без причина.

5. Ако животот ти е филм, како му е насловот?
The Good, the Bad and the Ugly. Јас сум оној The Good се разбира.

Прашања од @ordanoskiv
1. Знам дека си програмер со готвачки способности!
Точно е. Многу подобро готвам отколку што врвните готвачи програмираат. Од друга страна, сигурен сум дека многу подобро возам отколку што Шумахер програмира. Кога веќе почнав, ни на Peter North не му признавам, подобро го правам неговото отколку тој моето, програмирањето. 

2. Знам дека си програмер со едриличарски способности! Капетан лаѓе! Учебникар!
Едрењето исто како и програмирањето не е професија, тоа е хоби, пасија, љубов. Или си програмер или не си. Или си едриличар или не си. Не може да си програмер или едриличар, а у ствари да сакаш да си адвокат или фрлач на ѓуле.
Во едрењето, како и во програмирањето сѐ мора да е однапред испланирано. Има милион различни елементи кои овозможуваат едрилицата да плови кон саканата цел. Не е доволно само да се дигнат едрата и да се врти кормилото. Сѐ што важи за програмирањето важи и за едрењето. А книгата испадна многу случајно. Си пишував потсетник за себе и испадна цела книга, учебник. До денес тоа е единствена книга за едрење на Македонски јазик.


3. Како се стига до толкава фирма како што е Дуна Компјутери?
Па најчесто преку конкурс за работа. Не палат врски, партиски книшки и слично. Препорака од друг професионалец е многу корисна и ... чекај малку ... како да се направи фирма? Уф! Знаејќи го ова што го знам, потребно е само едно, а тоа се две ствари, ред, работа и дисциплина.


4. На кои проекти работиш, што се спрема (она што смееш да го кажеш).
Како што кажа еден познат твитерџија If I tell you, I'll have to kill you, а бидејќи не сум убиец, нема да кажам.

5. Кои се најголемите опасности за ИТ бизнисот во Македонија? Најголемите прилики?
За жал многу работи во ИТ бизнисот во Македонија се некаква копија. Не се измислуваат работите, туку постоечки решенија се модифицираат и применуваат. Тоа е типичен Борговски начин, да се асимилира и користи. Без IP (Intellectual Propery) нема дополнителни приходи, без кои пак нема развој. Државата не прави ништо за да го заштити домашното производство. Од друга страна многу фирми спасот го гледаат да се Outsource на некоја голема софтверска фирма. Тоа можеби носи приходи, но не носи развој. Во текстилната индустрија тоа се нарекува Лон производство.
Најголема прилика е фактот што преку 90% од фирмите во Македонија не ги користат придобивките од ИТ. Немаат ЕРП, ЦРМ е странски збор, мобилни апликации се игри како Angry Bird, социјални мрежи, а богами и целиот интернет е Facebook каде можеш да се пофалиш или на некој „да му кажеш у фаца што мислиш за него без опасност дека ќе ти ја бапне една“. Вицот со продавачот на кондури во Африка е реалност за интегрираните бизнис апликации во Македонија.

Безобразно прашање
1.Добив ли попуст у Дуна?
Попусто е попустот што го имаш, пак ќе си користиш LAMP, никако да прејдеш на MAMP.