Твитер прашалник @oletweet
1.Име
(ник, кој ти го стави)?
На
твитер одбрав да бидам искрена во доволна мера, каква што сум по природа, па
името ми е она од реалниот живот. Никот беше резултат само на моментална
инспирација, зашто одлуката да влезам во друштвото дојде наеднаш, без многу
премислувања.
2.
Опишете се (макс 140 нели)?
Незгоден
микс на непоправлив романтичар по душа, реалист во расудувањето и трагач по
простор во кој би ја нашла вратата кон оптимизмот.
3.
Зошто си на твитер?
На
почетокот не бев свесна дека твитер, на толку непретенциозен начин, ќе стане
дел од моето секојдневие до ниво на must
be there. Ја сакам магијата на таа дружба што со ништо
не оптоварува; на тој чуден трепет кога препознавам сродни души, на тивкото,
тајно врзување за некои луѓе скриени во овој истовремено јавен, а сепак интимен
свет. Најсреќна сум кога таа мала, одбрана група, постапно но сигурно гради
еден критички генерален став кон општествената траума што не’ навасала, и што,
повремено, тој став излегува од анонимноста и транзитира во релевантно ехо на
глас на мислечки индивидуи. На крајот, тука сум заради слободата, отсуството на
цензура и можноста да ја релаксирам напнатоста од стварноста што ме притиска.
Мојот сон е дека ќе дојде ден кога на твитер ќе можам да придонесувам или впивам
повеќе и во рамките на моите професионални преокупации.
4.
Шо преставува вашиот аватар?
Го
поставив на црниот понеделник, 24 декември, кога повеќе од било кога ја
почувствував болката од одземената слобода, згазената правда и дерогираното
право на нормален човечки живот во сопствената земја. Посакав крилја за пркосно
да одлетам и зад себе да ја оставам горчливата македонска почва. Уште сум под
таа тажна импресија за нашиот животен амбиент, но тука сум, а белата птица
останува симбол за мојот копнеж по слободата.
5.
Кој ве донесе на твитер и дали ве за*ба со тоа?
Јас
сум голема брбљивица и мислам дека во еден миг му станав здодевна на моето
чедо, кое едноставно ми предложи: „Мамче, а како би било сето ова што ми го
зборуваш мене да почнеш да го споделуваш и со пријатели на твитер?“. Твитер
сметка отворив во 2010, но станав активна многу подоцна. Никогаш не се покајав.
6.
Ова ви е прв твит (ај да видиме, шо ќе твитните)?
Меѓу
колегите сум позната како ефективен „кршач на мразот“, но на твитер почнав со
најглупиот твит евер, нешто од типот „здраво, пријатели“ или некоја слична
лигава, реченица. Од оваа дистанца, денес секако би почнала некако поагресивно,
нешто што веднаш би било експресија на мојата оптика. Па кој се закачи, се
закачи.
7.
Каде сте родени?
Јас
сум Скопјанка по обата родители, по дедовци, баби и пра-претци, родена во
Буњаковец и израсната во Парк-маало. Едно време тоа беше многу шик, но јас
отсекогаш сум била понаклонета кон убедувањето дека хибридите се најздравата
ствар на светот, така што навивам за мешани
врски, од кои се раѓаат зацврстени деца со искомбинирана генетика.
8.
Каде би сакале да отидете на еден месец? А каде на меден?
На
еден месец би одела на Капри, по можност од крајот на мај до крајот на јуни.
Тоа ми е неостварена желба и, како што стојат работите, може засекогаш да
остане таква. На меден месец, кога повторно би била пред таков чин, би сакала
со автомобил да патувам низ внатрешноста на Франција и Италија, предели во кои
сум престојувала сама, а сум посакувала топлината на пејсажите, селцата,
камените куќи и малите крчмички да ја доживее и мојот сопруг.
9.
Брак?
Јас
навистина мислам дека врвицата на животните искушенија, радости и болки е
поинаква, полесна, поподнослива кога се споделува со животен сопатник.
Институционалниот брак не ми е особено важен; важно е пријателството, држењето
за рака, потпирањето еден на друг во тагите, заедно испиена чаша вино во
среќите, разбирањето дури и без изговорен збор по долгите години минати, можеби
и без да сакаме, во градење на еден вид симбиоза. Климавите врски се
препознаваат рано и на нивно одржување не треба да се инсистира затоа што секој
има право на парче од земската радост, и на уживање во блискоста со човек кој
не ти го качува притисокот на 200.
10.
Ако реинкарнирате во животно, кое би сакале да е?
Во
некое долговечно, затоа што го сакам животот, макар тоа бил и слон, онаков грд
и смежурен.
Дополнителни
прашања
1.Стана позната со еден блог пост,шо
те натера да го напишеш?
Седнав
и го напишав во еден здив, разочарана од исходот на локалните избори. Се
почувствував измамена што, и покрај одвратната технологија на владеење на ДПМНЕ,
опозицијата остана затворена во својата импотенција, неспособна умно да ги објасни
клучните пунктови на несреќата, и да комуницира со целна група која е
единствената способна да ги придвижи работите кон подобро. Тоа е разочараната и
понижена некогашна средна класа, чесниот дел од народот кој не потклекнал пред
лукративните искушенија на власта, и една голема група млади образувани луѓе,
чии животни сништа допрва треба да се остваруваат. Тоа се луѓето од Отпорот,
луѓето со морал по вертикала, луѓето што опозицијата не смее да ги изгуби.
2.Ти
пречи ли промена на името?
Многу,
бескрајно многу. Најмногу ми пречи што начинот на кој се одвива таа бесрамна и
бескрајна игра со нашето достоинство од ден на ден само повеќе и повеќе ја
раскусурува нашата гордост. Ми пречи и огромната нетранспарентност на моќниот
запад во оваа валкана игра, односно затскривањето зад Грција, како наводен
главен виновник, на вистинските намери поврзани со ова мало парче земја.
3.Има
ли забава на твитер?
Ах,
да. Толку слатко се смеам на досетките и иронијата; уживам во постираната
музика, а и муабетите на весели теми знаат да ме раскрават до даска.
4.Бронза
или мермер?
Ма
после сето ова, јас веројатно никогаш нема да посегнам по ништо слично.
Предложив центарот на Скопје да биде ограден со висока бетонска ограда,
затворен со железни капии и насловен како македонскиот Забранет град.
5.Една
од помистериозните на тл ?
Имам
причини за тоа. До пред некоја година, редовно објавував во домашните весници и
списанија. Некаде пред 4-5 години, почнаа да не ми ги објавуваат текстовите, а
по последните објавени добив и некои непријатни закани. Малку паузирав, па го
отпочнав мојот блог danesezaboravi.blogspot.com, кој ми донесе кришка слобода.
Прашања
од @JPetrov
1.Како
да се вратиме таму кај што бевме, ако не подобри?
За
жал, мислам дека новиот нагорен циклус ќе почне во мошне неповолно опкружување.
Македонија, ако опстане, многу скоро ќе колабира финансиски и, воопшто,
економски, како што и’ се случи на Југославија на почетокот на 1980-тите. Дури
тогаш ќе биде потребна надворешна помош, а како што стојат работите, не гледам
дека некој е заинтересиран за просперитетот на оваа потоната земја. Колку
подолго трае агонијата и пофалбата на лудоста, толку подолго ќе трае процесот
на опоравување. Потенцирам, Македонија никогаш нема да може да закрепне без
надворешна помош и волја.
2. Држава со оваква младина може само... ???
Државата
го уништува својот најважен ресурс – младите. Им го ничкоса вредносниот систем,
ги направи креативно неупотребливи, а ги користи само за подмолните цели на
власта. Им ја утрапи взаемната омраза како рецепт за преживување, ги научи дека
газењето преку лешеви е вистинската формула. Тоа е глобалната слика. За среќа,
слободарскиот дух на една, за сега недоволно експонирана порција од младата
генерација, која се развива индивидуално и скоро илегално работи на градење на сопствените
вештини и знаења, ќе може да се фати во костец со проблемите кои допрва
претстојат. Се разбира, некоја нова, вразумена власт, ќе мора со овие поединци
да постапува многу внимателно, ценејќи ја нивната верност кон етичките и
демократски вредности во периодов без етика и демократија.
3. Што е поефикасно за да се искаже своето мислење - блог или твитер?
Ма и
едното, и другото. Твитер е фантастична и ефектна алатка за брзи, мудри и
луцидни информации или реакции. Тој е одлична вежба за виугите и
интелигенцијата. Тој е совршенство за краток, набиен исказ. И, се разбира,
затоа добива далеку пообемна респонзивност на публиката. Блогот е потромав
медиум, а и луѓето не се премногу расположени за подолги четива. Но, за мене,
добро осмислен и таргетиран блог, ја има вредноста на било која фина
литература. Јас ги сакам и двата жанра и се обидувам паметно да ги комбинирам
за да се искажам по прашањата за кои сметам дека заслужуваат внимание или
простор во етерот, а при тоа да останам конзистентна.
4. Кога би можела да промениш нешто пред некоја декада што би било тоа?
Би го
променила патот по кој одеше Македонија во првите 10 години од независноста. Ќе
бев повнимателна околу Уставот, рестриктивна кај регистрацијата на
еднонационални политички партии и, најважно, многу порезервирана околу
прифаќањето на економските реформи по теркот на ММФ и Светската банка. Ќе се
борев, како што и сум се борела, против неолибералниот диктат и доктрина, макар
и по цена некои промени да се одвиваат поспоро. Свесна сум дека тоа би била
борба меѓу Давид и Голијат, но демонстрирањето национална гордост во време на
транзиција знае да биде и наградено. Јас би се испробала на таа карта.
5. Дали на државава и фалат нови опции или капацитет во постојните и како секој од нас да помогне?
Македонија
е толку мала земја, што мислам дека онаа теза за „празен простор“ за некоја
нова опција не е сосема реална. Тој простор само дополнително би ја расцепкал
сегашната кревка опозиција, зад која сепак стои огромна популација. Јас верувам
дека опозицискиот блок располага со потребната инфраструктура, но дека е
неопходно освежување на човечкиот фактор, светогледот, фокусот и енергијата.
Особено е важна промена на реториката. Примерот на подвигот на Андреј
Жерновски, еден умерен, сталожен и модерен политичар, треба да биде успешна
приказна што ќе се користи како основа за изработка на цела студија на
случај.